Македонската диригентка Дијана Имери-Илкоска имаше успешен концерт во салата на Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија. Маестра Имери-Илкоска диригираше со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, а во Грузија отпатува на покана на Камерниот фестивал на Тбилиси, еден од најзначајните настани за љубителите на класичната музика.
Заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“ и маестра Имери-Илкоска, како солисти настапија тројца пијанисти: Давид Аладашвили од Грузија, Маријана Ахба од Франција и Луис Швицгебел Ванг од Швајцарија, а на програмата беа дела од Моцарт и Пуланк.
„Сѐ уште ме држат позитивните впечатоци од настанот и од целата соработка со престижниот оркестар. Оваа покана за мене лично беше огромна чест, но на некој начин претставува и историски чин, затоа што бев првата жена која диригирала со тој оркестар. Но, и воопшто првата жена во таа концертна сала, каде што има настапувано и славниот Сергеј Рахмањинов“, вели диригентката.
Таа додава дека посебно се чувствувала во салата каде што се одржувале пробите, „Палата на младоста“, каде што е потпишан уставот на Грузија.