Без озвучување, користејќи ја само природна акустика на просторот, Камерниот оркестар од Битола на 14 август ќе одржи концерт на класична музика на Големо Езеро (2.218 мнв) на Пелистер. Концертот е планиран за 20 часот, на зајдисонце, за да се направи спој на музичкото и визуелното уживање.
„Она што е интересно е дека ќе имаме добар звук, добра акустика, ќе имаме природно озвучување. Ќе настапиме 12 музичари, со репертоар на класична музика, романтизам, композиции поврзани со метеорски дожд“, рече директорот на оркестарот Љупчо Милевски.
Вистински предизвик за музичарите е транспортот на инструментите до Големо Езеро, зашто нема асфалтен пат, а земјениот е стрмен и полн со нерамнини, камени наноси и кривини.
„Во последно време сме сведоци на вакви настани низ светот со цел да се промовира она што е природно национално богатство. Идејата за одржување концерт на Камерниот оркестар на Големо Езеро е жива подолго време и дојде денот да го реализираме овој подвиг, зашто навистина е тешко да се обезбеди целата потребна логистика. Но, од друга страна, ќе се искористи еден од најакустичните природни простори во Македонија“, рече директорот на Националниот парк, Иванчо Тошевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: Директорот на оркестарот Љупчо Милевски со директорот на Националниот парк Иванчо Тошевски