БОЛОЊА ЈА ОГРАНИЧИ БРЗИНАТА НА ВОЗЕЊЕТО ВО ГРАДОТ НА 30 КМ/ЧАС

Болоња, (Јуроњуз)

Болоња е првиот голем град во Италија кој ја ограничи брзината на возењето во урбаниот центар на 30 километри на час. Претходно, мерката Città 30 (Град 30) беше воведена и во Олбио на Сардинија.

Градските власти на Болоња велат дека новото ограничување има за цел да ја подобри безбедноста на улиците и да го намали загадувањето. Сепак, мерката беше проследена со протести и скепса, дури и од министерот за транспорт Матео Салвини.

Максималната брзина на возење во Болоња досега беше 50 километри на час. Оние кои сега ќе надминат 36 км/час ќе платат казна од 29 евра.

Градоначалникот Матео Лепоре ја поздрави мерката како „револуција за подобрување на квалитетот на животот на сите и на начинот на кој го доживуваме јавниот простор“,

Ова ќе ја направи Болоња побезбеден, поодржлив град, погоден за деца, семејства и постари лица, а крајната цел е да имаме нула смртни случаи на патиштата“, кажа Лепоре.

Според студија на Империјалниот колеџ во Лондон, во зоните со брзина од 30 км/час возилата се движат со помалку забрзувања и забавувања отколку во зоните со поголема брзина. Ваков стил на возење ги намалува емисиите на честички од абењето на гумите и сопирачките. Сепак, моторите се оптимално ефикасни кога возат со константна брзина, а не кога забрзуваат или забавуваат. За повеќето автомобили, ова е околу 90 км/час.