БРИТАНЕЦ ПРОБАЛ 50.000 РАЗЛИЧНИ ПИВА

Лондон, (Гардијан)

Британецот Енди Нортон првпат пробал пиво на крајот на 1970-тите додека студирал на Универзитетот во Кардиф и потоа тоа му станало најголемата страст во животот. Тој вели дека досега пробал 50.000 различни пива.

„Откако се вратив дома во Шефилд по студирањето, почнав да посетувам пивски фестивали и да ги забележувам пивата што сум ги пиел. Во тие рани години одев на три-четири фестивали годишно“, кажа Нортон за „Гардијан“.

Најмногу фестивали во една година посетил во 2004 – 109.

„Не ги оценувам пивата, само ги забележувам името, датумот, местото на пиење, цената, пиварницата и процентот на алкохол“, вели тој.

Додава дека овие денови не пие многу, во просек помалку од четири чаши на ден и тоа од оние со помалку проценти алкохол, 3,5-5%.

„Еднаш пробав пиво со 23% алкохол. Беше толку силно што заборавив да го забележам. Обично сѐ запишувам и веќе имам 250 полни тетратки“, кажа Нортон.

Како најомилени пива ги издвои „brains dark“ од Кардиф и „wadworth 6X“.

„Имам широко непце. Преферирам послаби пива, но не ми пречат ни остри и богати по вкус. Ако е ново пиво, ќе го пијам“.

(Фото: Гардијан)