БРИТАНИЈА ПЛАНИРА СИТЕ ДОМОВИ ДА СЕ СНАБДУВААТ СО СТРУЈА ОД ВЕТЕРНИЦИ ДО 2030

Лондон, (АП)

Премиерот Борис Џонсон вети дека за една деценија сите домови во Велика Британија ќе се снабдуваат со електрична енергија добиена од ветерници, откако владата лансираше „зелена индустриска револуција“.

Тој кажа дека владата ќе инвестира 160 милиони фунти во пристаништа и фабрики за да го поддржи производството на следната генерација ветерни турбини. Моментално, Велика Британија добива една шестина од својата електрична енергија од ветерници, што е доволно за 18,1 милион домаќинства.

„Вашиот чајник, вашата машина за перење, вашиот грејач, вашиот полнач за електричен автомобил, сите ќе добиваат чиста енергија од ветровите кои дуваат околу нашите острови. Велика Британија ќе стане светски лидер на полето на чиста ветерна енергија“, изјави Џонсон.

Планот е до 2030 година да се зголеми капацитетот на ветерната енергија од 30 на 40 гигавати.

Десеттата точка од планот за „зелена индустриска револуција“ предвидува Велика Британија да стане јаглеродно неутрална земја до 2050 година.