Дваесет креативни продуценти од Западен Балкан ќе учествуваат на бесплатна онлајн обука, во организација на Британски совет во Скопје. Оттаму ги канат кандидатите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија да ги испратат своите пријави до 22 ноември.

Програмата за двонеделната обука е дизајнирана да ги развие креативната продукција како професија и добрите уметнички практики во сите вклучени земји и Обединетото Кралство.

„Учесниците ќе се стекнат со вештини за дизајнирање креативна проектна идеја и ќе научат како поефикасно да ја пренесат својата идеја до целната публика и засегнатите страни. Тие исто така ќе научат каде, кога и како ќе се одвива практичната реализација“, велат од Британски совет, додавајќи дека најдобрите проектни идеи ќе добијат финансиска поддршка и менторство.

Изборот на учесниците ќе биде објавен на 6 декември.