Вечерва во 23 часот во Куршумли ан на Фестивалот за документарни филмови МакеДокс премиерно ќе се прикаже долгометражниот документарец „Сава“. Филмот е копродукција меѓу „Сава филмс“ (Англија) и „Ортак филмс“ од Македонија.
„Сава“ е документарен патувачки филм по течението на реката од 990 километри низ земјите на поранешна Југославија. Сниман е на локации низ Словенија, Хрватска, БиХ и Србија. Филмот ги истражува комплексните односи помеѓу луѓето, кои живеат по должината на реката Сава и нивните видувања за природата, идентитетот и националното припаѓање.
Режисер и продуцент на филмот е Метју Сомервил од Велика Британија, монтажата е на Горјан Атанасов од Северна Македонија, сниматели се Ден Мекрам и Метју Сомервил. Во овој филм реката има глас и во улога на наратор е ѕвездата на југословенскиот филм и светски позната актерка Мира Фурлан., која почина лани. Музиката е на Робин Шлохтермајер.
Во потрага по зрел женски наратор, како гласот на реката, стапуваат во контакт со Фурлан. Во нивните преписки таа вели:
„Целиот мој живот го посветив против поделбата и инклузивноста. Можам да го потпишам моето име под твојата реченица, каде зборуваш за природата и човечката поврзаност, кои се над сите опасни илузии за национализмот. Како една од граѓаните, кои ја загубија својата земја во онаа бесмислена војна во која се бореа новите елити за финансиска корист, ви благодарам за овој проект. Со еден збор: Да. Би соработувала со вас на овој проект“.
Фурлан пристигнува во Лондон, каде ја снимаат првата сесија за натсинхронизација. За време на пандемијата успеваат да реализираат уште една сесија преку Зум платформата, додека таа е во нејзиниот дом во Лос Анџелес, а Горјан и Метју во Лондон.
„Веќе во септември не успеавме да дојдеме во контакт со неа повторно и нејзиниот сопруг нѐ контактираше да ни пренесе дека Мира е болна. Требаше да ја снимиме со неа последната натсинхронизација, но не успеавме. Следните 3 месеци беа мачни за чекање. За жал, Мира почина. Филмот е посветен во сеќавање на Фурлан и на нашата фантастична соработка со оваа голема уметница“, вели режисерот Сомервил.
Во март оваа година филмот беше финиширан во Скопје, а постпродукцијата во Лондон во април.