„БУНКЕР“ ГО ИЗДАДЕ „СТАРМЕН“, ГЕРМАНСКИОТ ГРАФИЧКИ РОМАН ЗА ДЕЈВИД БОУВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бункер“ го издаде графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“ од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст, кој е дел од едицијата „Апсолутни почетници“. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска.

„Стармен“ раскажува за подемот и падот на, веројатно, најпознатото алтер его во музичката историја. Клајст ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена до борбата со својата креација на врвот на славата.

Рајнхард Клајст е наградуван германски стрип автор, чии дела се преведени на повеќе јазици. На најновото остварување „Стармен“ работел повеќе години и тоа претставува круна на неговата досегашна кариера. Светската премиера на германски јазик беше на 30 ноември 2021, а „Бункер“ меѓу првите ги откупи правата и го објави.