Четирипати се вратија на бис 12-темина актери на премиерата на претставата „12“ сношти (20 ноември) во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз.
Евтимов ги обедини реномираните актери Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија), кои добија долги аплази и овации од публиката.
Претставата стана популарна уште пред премиерата. Онлајн билетите се распродадени до март и уште отсега се купуваат и за април и мај.
Досега се одржаа претпремиерата и премиерата и уште две претстави ќе има вечерва и утре (21 и 22 ноември), а од декември до мај се закажани 12 изведби.
Приказната следи порота од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги да ги преиспитаат сопствените морални вредности.
„Посветена е на прерано починатиот наш соработник и пред сѐ голем пријател Мирко Попов“, рекоа претходно од МНТ.
М. ЏАРОВСКА
Насловна фотографија: К. Галевски