На 5 октомври од 11 до 13 часот, Денис Јанкуловски од Центарот за јавно здравје познат како Денис Космонаутко организира инклузивен настан наречен „Пешачиме за поддршка“. Јанкуловски ги кани сите граѓани да му се придружат на прошетката која ќе започне од споменикот на Гоце Делчев, ќе се движи низ Градскиот парк до хотелот „Александар палас“. Целта на настанот, како што вели тој, е да им се даде поддршка на лицата со атипичен развој.
„Можам слободно да речам дека секојдневно барам начини како повеќе би можел да придонесам во борбата на моите атипични другарчиња и нивните семејства за зголемување на свесноста за различностите, нивно прифаќање, почитување и инклузија. Неколку месеци наназад секој ден пешачам ‘испровоциран’ од еден преубав коментар од братучетка ми Елена Неделковска, па си реков зошто тоа пешачење да не биде во друштво и да не биде со кауза. А, оваа идеја, всушност, е со тројна кауза: прво за подигнување на свесноста и за поддршка на моите и нашите другарчиња, второ е она што на сите нам многу, премногу ни недостасува, а тоа се дружбите со другарите и пријателите. Трето, што исто така е битно, е релаксацијата, секојдневно сме бомбардирани со глупости, неубави работи кои дополнително нѐ оптоваруваат покрај проблемите кои сите си ги имаме. Затоа си реков, зошто да не направиме нешто што ќе ги спои овие три причини во една убава дружба“, вели Јанкуловски.
Според реакциите на луѓето, тој верува дека ќе има доста присутни. Јанкуловски сака преку една неформална прошетка исполнета со многу насмевки, муабет, стари и нови познанства да покаже дека лицата со атипичен развој не се сами.
„Збирно место ќе биде кај споменикот на Гоце Делчев на 5 октомври во 11 часот и опуштено ќе прошетаме низ стариот дел на Градски парк. Искрено, тоа ми е едно од омилените места во Скопје, преубави спомени имам оттаму. Ќе отидеме до хотелот ‘Александар палас‘ и ќе се вратиме. Попатно ќе си пееме, смееме, прегрнуваме, ќе шириме позитивна енергија и љубов. Поканети се сите. Кога велам сите, мислам буквално сите. Нема пријавување, само доаѓање и уживање“, ни рече Јанкуловски.
Тој секоја година во Градски парк е дел од организацијата на настанот „Повторно заедно“ за децата со атипичен развој. Вели дека би сакал и настанот „Пешачиме за поддршка“ да стане традиција и да се одржува еднаш до двапати во месецот.
М. ЏАРОВСКА