ДЕЦАТА МЕ ИСКАРАА ДЕКА СУМ ПОСТРОГА СО НИВ ОТКОЛКУ СО ТИЕ ШТО ВАЛКААТ И ЗАГАДУВААТ, ВЕЛИ ТЕТОВСКАТА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА ТЕУТА АРИФИ

Тетово, (СМАРТ.СДК.МК)

Пред вратата од кабинетот на градоначалничката на Тетово Теута Арифи трпеливо чекаат десетина лица. Тоа се нејзини лични пријатели, членови на Демократската унија за интеграција (ДУИ), но и обични граѓани кои се дојдени да ѝ го честитаат повторниот избор за градоначалничка на Тетово. А канцеларијата на градоначалничката Арифи потсетува на раскошна цвеќара. Огромен број букети се насекаде, на работната маса, на витрините.

„Вака е веќе неколку денови. Луѓето сакаат да дојдат и да ми честитаат. Сите овие букети сум ги добила од нив. Јас на сите им се заблагодарувам, бидејќи и мене нивното внимание ми преставува задоволство“, го започнува разговорот  Арифи, единствената со втор мандат меѓу 6-те  жени кои на овие локални изброи ја освоија градоначалничката функција.

Во политиката влегува во 2002 со формирањето на ДУИ и досега секогаш ги завзема челните позиции во партијата. Работела и на министерски позиции во претхоните влади, а на локалните избори во 2013 беше избрана за градоначалничка на Тетово. Тогаш противкандидат ѝ беше тогашниот градоначалникот Сади Беџети, а на овие избори за противкандидат го имаше лидетор на движењето БЕСА Билал Касами. Арифи вели дека и двајцата противници си имаат своја тежина, но победата против Сади Беџети била потешко извојувана.

„Сади Беџети беше покомплексен како кандидат бидејќи веќе беше градоначалник, поранешен ректор, професор, бизнисмен и сите овие елементи го правеа тежок противник. Наспроти ова, Касами настапи како претседател на една политичка партија и тој како лидер на партија влезе во изборната битка со еден голем влог. Но и во двата случаи, мојот пристап во битката со моите противкандидати секогаш беше со позитивна кампања и тоа се покажа како многу поуспешна од секаков друг вид кампања“.

После четири години како прва личност во градот, Арифи вели дека многу е потешко да се биде градоначалничка отколку градоначалник. Вели, најтешко било пред сé да се надминат стереотипите што луѓето ги имаат кон жената на оваа функција и да се добие верба кај нив дека, иако е жена, може да се фати во костец со многу сериозни и тешки проблеми.

„За мене беше многу важно работата да ја водам пред сѐ со личен интегритет. Сметам дека луѓето го препознаа тоа и така се создаде почит кон мене и мојата работа. Тоа за мене е многу важно, а важно е и за секоја жена, работата да ја води со интегритет и да не биде гледана како личност на која некој друг ѝ командува, а таа да е само фигура“, вели Арифи.

Градоначалничката Арифи е мајка на две деца, нејзината ќерка има 13 години, а синот 8. Вели не е така едноставно да бидеш добар родител, а воедно и да извршуваш една крајно одговорна работа како што е градоналаничката, но, како што вели, со добра организација на времето сé се постигнува. Не сака да ги оптоварува своите деца со политика, но понекогаш се среќава и со тој проблем.

„Пред 4 години кога влегов во трката за градоначалник, моите деца беа премногу мали за да сфатат што се случува, додека во оваа кампања ним многу им беше важно да бидам успешна и да победам. Сепак јас имам еден принцип, кај нас дома по правило попладне после ручекот обврска ми е заедно да ги сработуваме дошаните задачи, потоа разговараме и дебатираме за работи кои се сврзани за училиштето. Јас не практикувам гледање вести, зашто не сакам моите деца да бидат премногу преокупирани со слушање политички дебати. Кога започна кампањата за овие избори, со оглед на тоа дека сега веќе се поголеми и повеќе ги разбираат работите и силно сакаа повторно да победам, ме прашаа што можат тие да сторат за мене, а јас само им побарав овој месец и пол да ме ослободат од обврската да учиме заедно и да ги работиме училишните задачи. Тие тоа го направија со најголема одговорност, за што им се заблагодарувам и многу ги сакам поради тоа. Сега по малку се враќаме во нормалата и на нашите секојдневни обврски“, вели Арифи.

Со оглед на тоа што нејзината работа е транспарентна и подложна на најразлични коментари, таа вели дека е неминовно нејзините деца тие да слушнат критики кои понекогаш се и негативни.

„Ќе треба во наредниот период повеќе да ги зајакнеме инспекциските служби за градот да профункционира подобро и во отстранувањето на сметот и во загадувањето на воздухот и во сите други актуелни проблеми“, вели Арифи (Фото: СДК.МК)

„Кај нас дома еднаш неделно се разговара за различни теми со децата, бидејќи тие веќе не се мали. Јас им објаснив, а тие разбраа дека за да се биде на една јавна функција мора да се биде отворен кон крутиките. Критиките можат да бидат добронамерни и нив секогаш ќе ги прифатите, но можат да има и намерни етикетирања, што исто така е дел од приказната. И кога тие ме прашуваат дали тоа ме прави нервозна, јас велам не, затоа што и тие треба да научат дека во животот може и без никакви основи да ве напаѓаат но тоа не треба особено да ве трогне, туку е важно да си ја сработите работата“, вели Арифи.

Нејзините деца освен што храбро ја прифатиле улогата на деца на една јавна личност често пати ѝ упатуваат сугестии на мајка си во врска со работата која ја врши како градоначалничка.

„Минатиот мандат моите деца ми дадоа забелешка дека сум премногу мека кон граѓаните кога прават некои недозволени работи, еве на пример кога фрлаат ѓубре насекаде. Ми рекоа дека сум ги размазила граѓаните, а кон нив, кон моите деца, сум била многу строга и побараа да користам ист систем и дома и на работа. Можеби тие се во право, па ќе треба во наредниот период повеќе да ги зајакнеме инспекциските служби за градот да профункционира подобро и во отстранувањето на сметот и во загадувањето на воздухот и во сите други актуелни проблеми“, вели Арифи.

Дека во Тетово не се средени сите работи и дека има уште многу да се направи свесна е и Арифи, па вели дека доволно беше славење на победата и дека сега треба да се започне со работа. Приоритетите се поставени, а за почетокот на вториот мандат најавува дека ќе се продолжи со активностите за пробивање на двата ветени булевари на улиците Илинденска и Благоја Тоска, за што очекува да се добијат пари од Светска банка, најавува дека до декември треба да се отвори постапката од Европска Унија за финансирање на колекторите за пречистување на отпадните води.

На локалните избори во 2013, а и сега на овие избори, за избор на градоначалник на Тетово пресудни беа гласовите на македонскиот електорат во градот. Во 2013, ДУИ направи коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и тогаш се зборуваше дека е постигнат договор локалната власт за населението од христијанска вероисповест во Тетово да овозможи изградба на нова црква во долниот дел од градот, да изгради капела и да ги уреди православните гробишта во село Фалише. Иако овој меѓупартиски договор никогаш не беше јавно обелоденет, сепак во повеќе наврати од советниците на ВМРО-ДПМНЕ беше споменуван дека постои, но дека од него речиси ништо не е реализирано.

„Капелата добро напредува и за мене тоа е завршена работа уште во првиот мандат. Јас ова го сметам како обврска кон моите сограѓани од христијанска вероисповест, а тоа е и градска потреба. На ова работиме и сметам дека до крајот на годината капелата ќе биде дадена во употреба. За верските објекти, тие се обврска на верските заедници, а не на општината. Отворени сме кон сите барања на граѓаните на Тетово и во рамките на планираното ќе гледаме да им излеземе во пресрет. Исто така, ќе се работи и на дренирање на теренот на православните гробишта во Фалише“, вели Арифи за приоритетите што треба да ги направи во својот втор мандат.

„Со проблемите во градот во минатите четири години никогаш не сум водела политика, туку сум се обидувала да најдам што повеќе партнери да ги решам и на истиот начин ќе продолжам“, вели Арифи.

З. АНДОНОВ