ДЕЦАТА СЕ ВРАТИЈА ВО ГРАДИНКИТЕ ПО ШЕСТ МЕСЕЦИ, ЌЕ СПИЈАТ И ЌЕ СЕ ИГРААТ СПОРЕД ПРОТОКОЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По цели шест месеци, илјадници деца денеска се вратија во градинките низ земјата, за што Владата претходно донесе строг протокол. Тој предвидува посебен режим на исхрана и регулира како ќе се одвиваат одморот, спиењето и играњето на децата.

Вработените ќе мора да носат маска, а при влез во градинката на сите ќе им се мери телесната температура. Во групите од две до шест години ќе може да има најмногу 15 деца, односно шест во групите до две години.

На секои два часа ќе се дезинфицираат предметите што често се користат и допираат и престојот мора да биде организиран така да се избегне контакт помеѓу децата од различни групи.

Градинките, како и сите други образовни установи, беа затворени на 10 март, кога епидемијата на коронавирусот беше на самиот почеток.

Фото: Ѓ. Личовски