ДЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „КНИГОЛАНДИЈА“ Е ПРВАТА ПРЕМИЕРА ВО ШТИПСКИОТ ТЕАТАР ОВАА ГОДИНА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Со претставата за деца „Книголандија“, Народниот театар во Штип вечерва (19 часот) стартува со четирите премиери колку што се планирани за првите шест месеци од оваа година.

Стартуваме со ваква претстава со која сакаме кај нашата најмлада публика да го пробудиме чувството за важноста на книгите. Преку повеќе интересни приказни споени во една целина се открива магијата за читање“, рече директорот на Центарот за култура во Штип, Горан Трајков, додавајќи дека децата кои ќе ја гледаат претствата ќе добијат тетратка и молив за да ги запишуваат своите приказни и фантазии.

Режисерка на претставата е Кристина Атанасова-Арсова, која е актерка во Народниот театар, а играат Марија Димчева, Елена Шопова-Дербова, Миле Вратеовски, Анѓелка Нашкова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини, Даријан Патров, Искра Постолова и Пеце Ристевски. Костимографијата и сценографијата се дело на студентите од Техничко-технолошкиот факултет во Штип, на чело со Моника Гачева.

Од наредната недела започнуваат подготовките за останатите три премиери, од кои последната, што ќе се изведе во јуни, ќе биде во режија на Дејан Пројковски.

Првата детска претстава во оваа година не значи дека нема да се одржи традиционалниот театарски фестивал за деца Малиот принц“, кој, како што најавуваат од Центарот за култура, ќе биде во октомври.

Т. ЈОВАНОВСКИ