НАСА ја објави листата на 18 астронаути кои ќе патуваат на Месечината во рамките на програмата „Артемис“. Кадарот се состои од деветмина мажи и девет жени и половина од нив никогаш досега не биле во вселената, додека некои моментално престојуваат на Меѓународната вселенска станица.
Од нив ќе се изберат следниот маж и првата жена кои ќе стапнат на Месечината во 2024 година.
„Ова е првата генерација астронаути на ‘Артемис‘, но, ве уверувам, ќе ги има уште“, изјави директорот на НАСА, Џим Брајденстин.
Најмлад член на групата е 32-годишната Џесика Воткинс, а највозрасен е 55-годишниот Скот Тингл.
НАСА планира да испрати маж и жена на јужниот пол на Месечината во 2024, што би била прва американска мисија со луѓе од слетувањето на „Аполо 17“ во 1972 година. По ова ќе следуваат летови со вселенското летало „Орион“.