Вселенската трка на технолошките милијардери се загрева.

Основачот на „Амазон“ Џеф Безос објави дека планира да однесе луѓе на Месечината до 2024 година и за таа цел претстави прототип на ново летало. „Блу мун“, со кое нема да управува човек, ќе може да превезува и научни инструменти, сателити и возила.

Време е да се вратиме на Месечината и овојпат ќе останеме таму“, кажа Безос.

Со „блу мун“ нема да управува човек (Фото: Ројтерс)

Најбогатиот човек на светот ги најави своите планови за изградба на лунарна база на конвенција во Вашингтон, на којашто присуствуваа потенцијални купувачи и официјални лица од НАСА.

Леталото „блу мун“ ќе има доволно гориво за пат од Земјата до Месечината и ќе биде придвижувано од нов ракетен мотор наречен БЕ-7. Тоа ќе може да однесе 6,5 метрички тони товар, што ќе овозможи да се постават основи на идни човечки мисии.

Компанијата ‘Блу ориџин‘ ја развива оваа технологија три години“, кажа Безос.

Планот е „блу мун“ да слета на јужниот пол на Месечината, кадешто се пронајдени ледени наслаги во кратери. Водата добиена од мразот ќе може да се искористи за производство на хидроген, што потоа ќе може да се користи како гориво за натамошни мисии во нашиот Сончев систем.