ДНЕВНОТО КОРИСТЕЊЕ МАРИХУАНА ПРВПАТ ГО НАДМИНА ДНЕВНОТО ПИЕЊЕ АЛКОХОЛ ВО САД

Вашингтон, (АП)

Првпат досега, бројот на Американците кои секојдневно консумираат марихуана го надминал бројот на оние кои пијат алкохол, што следува откако рекреативното користење канабис стана легално во речиси половина американски сојузни држави.

Во 2022, околу 17,7 милиони луѓе во САД користеле марихуана секој ден или речиси секој ден, наспроти 14,7 милиони кои пиеле алкохол со тоа темпо, покажуваат официјални национални податоци. Триесет години порано, само еден милион Американци рекле дека користат марихуана секој ден.

„Алкохолот и натаму се пие во огромни количини, но во 2022 првпат се случи користењето марихуана да го надмине секојдневното пиење. Околу 40% корисници на канабис го прават тоа секој ден или речиси секој ден, што е покарактеристично за пушење цигари отколку за пиење алкохол“, изјави авторот на студијата Џонатан Колкинс од Универзитетот Карнеги Мелон.

Марихуаната останува нелегална на федерално ниво, но американската влада најави дека ќе ја класифицира како помалку опасна дрога, со што веќе нема да биде во иста група со хероин, кокаин и ЛСД.

(Фото: АП)