ДОМОРОДНИ АКТИВИСТИ ОД БРАЗИЛ И ЈУЖНА АФРИКА МЕЃУ ГОДИНАШНИТЕ ДОБИТНИЦИ НА ЕКОЛОШКАТА НАГРАДА ГОЛДМАН

Лондон, (Гардијан)

Активисти кои спречија отворање рудници се меѓу годинашните добитници на престижната еколошка награда Голдман, со која веќе 35 години им се оддава признание на неуморните борци за заштита на животната средина. Седумтемина добитници доаѓаат од Бразил, Австралија, Индија, Шпанија, САД и Јужна Африка.

Марцел Гомеш (Бразил) водеше сложена меѓународна кампања која директно ја поврза најголемата светска компанија за пакување месо „ЈБС“ со илегалното сечење шуми во Бразил.

Мурава Маруки Џонсон (фото) е домородна Австралијка која блокираше отворање голем рудник што значително би ги забрзал климатските промени во Квинсленд.

Алок Шукла (Индија) водеше успешна кампања за спас на над 180.000 хектари шуми, која ги натера локалните власти да се откажат од планираните 21 рудник.

Тереса Висенте (Шпанија) водеше историска кампања за спас на екосистемот Мар Менор, најголемата европска морска лагуна, што резултираше со донесување закон со кој таа доби уникатни законски права.

Андреа Видауре (САД) ги убеди властите на Калифорнија да усвојат две историски регулативи кои значително ги ограничија штетните емисии од камионскиот и железничкиот сообраќај.

Домородните активисти од Јужна Африка, Синегугу Зукулу и Нонле Мбутума, запреа уништувачки сеизмички тестирања за нафта и гас покрај брегот на Источен Кејп, заштитувајќи китови, делфини и друг див свет од штетните ефекти на овие истражувања.