ФРАНЦУСКИОТ АПЕТИТ ЗА ЖАБЈИ БАТАЦИ ГО ЗАГРОЗУВА ОПСТАНОКОТ НА ЖАБИТЕ, РЕАГИРААТ АКТИВИСТИ

Париз, (Си-Ен-Ен)

Популарноста на францускиот деликатес жабjи батаци го загрозува постоењето на одредени видови жаби, реагираа еколошки активисти со писмо до францускиот претседател Емануел Макрон. Писмото го потпишаа 557 активисти од Франција и Германија, во кое велат дека 4.070 тони замрзнати жабји батаци се увезуваат во Европската Унија секоја година, што е рамно на 80-200 милиони жаби, во зависност од големината на видот.

Според нив, само во Франција се јадат повеќе од 3.000 тони жабји батаци годишно.

Најголем дел од овие жаби потекнуваат од Индонезија, Турција и Албанија, се вели во писмото, каде што некои видови стануваат загрозени. Потписниците на писмото предложија Франција да ја преземе одговорноста за заштита на видовите жаби, имајќи предвид дека таа е земјата која консумира најмногу жабји батаци во ЕУ.

Според нив, неодамнешните истражувања откриле дека обичните видови жаби исчезнуваат поради комерцијалноста и извозот низ долги години. Активистите ја повикаа Франција да се погрижи за надгледувањето, регулирањето и одржливоста на трговијата со жабји батаци.

Фото: Гети