ФОТОГРАФИЈА ОД ГРЕНЛАНД НАЈДОБРО ГИ ДОЛОВУВА РАЗМЕРИТЕ НА ТОПЕЊЕТО НА АРКТИЧКИОТ МРАЗ

Копенхаген, (Мешабл)

Мразот на Арктик се топи со досега невидено темпо како што се ближи летото и тоа е особено видливо во и околу Гренланд, кадешто се наоѓа втората најголема површина со мраз на светот.

Штефен Олсен, климатолог од Данскиот метеоролошки институт, најдобро го долови ова со фотографија од големо езеро што се создало врз замрзната површина со топењето на морскиот мраз. Со цел да провери опрема за набљудување на времето и океанот, Олсен морал со санки да помине преку поплавениот мраз, кој под базенот вода бил дебел околу 1,2 метра.

„Заедниците во Гренланд се потпираат на замрзнатото море при транспорт, лов и риболов. Вакви екстремни настани го менуваат Арктик“, вели Олсен.

Температурите во Гренланд пораснаа минатата недела, кога биле за четири Целзиусови степени над просекот за овој период од годината. Беше објавено дека само во четвртокот Гренланд изгубил две милијарди метрички тони мраз, а топењето од вакви размери е вообичаено дури во средина на лето.

„Топењето се случува побрзо отколку во која било точка во последните три и пол века, а можеби и во последните седум-осум милениуми“, вели геологот Лук Трасел.