Никогаш не е доцна да се влезе во политика.

Поранешната учителка Лизел Хајзе го направи тоа на 100-годишна возраст, откако беше избрана во градскиот совет на Кирхајмболанден, град со 8.000 жители во западна Германија. Како дел од локалното движење „Ние за Кибо“, таа добила најмногу гласови на неделните локални избори и ќе биде негова портпаролка во градското собрание.

„Борбата за политички промени нема никаква врска со возраста“, вели Хајзе, која во април наполни 100 години.

Таа важи за критичар на брегзит и ги поддржува плановите на францускиот претседател Макрон за поинтегрирана Европска Унија. Еден од нејзините главни мотиви да влезе во политиката е повторно отворање на градскиот базен, кој не работи од 2011.

„Пливањето е еликсир на животот. Порано не ми дозволуваа јавно да зборувам за базенот, но сега сум во поинаква позиција. Ќе се залагам и за отворање нови содржини за младите во градот“, изјави Хајзе.