ГЛОБАЛНА ПОТРАГА ПО РЕТКА КРВНА ГРУПА ЗА ДА СЕ СПАСИ ДЕВОЈЧЕ БОЛНО ОД РАК

Мајами, (Би-Би-Си)

Двегодишно девојче од САД на кое ѝ се потребни неколку трансфузии на крв во лекувањето од рак поттикна глобална кампања за да се најдат соодветни донори.

Малата Заинаб Мугал ја има една од најретките крвни групи на светот, што го отежнува нејзиното лекување. Досега се тестирани повеќе од 1.000 луѓе, но само тројца од нив ја имаат потребната крв. Лекарите велат дека ќе бидат потребни меѓу седум и десет донори.

Пред два месеца, на Заинаб ѝ беше дијагностицирана неуробластома, агресивен и редок облик на рак, што најчесто напаѓа бебиња и мали деца. Во текот на лекувањето ќе биде потребно да се прават трансфузии, но крвта на Заинаб е исклучително ретка, бидејќи ѝ недостига антигенот „индијан Б“, што луѓето го носат во црвените крвни зрнца.

Единствените донори на светот кои одговараат се луѓе со пакистанско, индиско и иранско потекло, и тоа со крвна група 0 или А, но дури и во овие нации, на помалку од 4% од популацијата ќе им недостига овој антиген. Двајца соодветни донори се пронајдени во САД и еден во Велика Британија.

„Ова е толку ретко, што првпат го гледам во мојата работа за 20 години. Крвта нема да ја излекува, но ќе има важна улога во третманот“, изјави Фрида Брајт од непрофитната организација „УанБлад“, која ја почна кампањата.