ГО ОТКРИВАВ СКОПЈЕ НА ДВЕ ТРКАЛА, ВЕЛИ СВЕТСКИОТ ШАМПИОН ВО ВЕЛОСИПЕДСКИ АКРОБАЦИИ ВИКИ ГОМЕЗ ОД ШПАНИЈА, КОЈ ЈА ОТВОРИ „БУБАМАРА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Трикратниот светски шампион во велосипедски акробации Вики Гомез од Шпанија вели дека настапот на шоуто „Златна бубамара на популарноста“ за него било интересно искуство. Гомез ја отвори манифестацијата во салата „Борис Трајковски“ и изведе кусо шоу со својот велосипед на сцената и меѓу публиката.

Хорхе Вики Гомез го нарекуваат Бе-Ем-Икс легенда и важи за еден од најдобрите во светот од 2000. Освен тоа што е трикратен светски шампион, трипати го има освоено и НОРА купот, последно во 2016.

Откако на видеобим во салата беше прикажано видео од неговата тура на две тркала низ Скопје, тој пред 6.000 гледачи изведе интересни трикови на сцената, со музика од Гоце САФ.

„Го откривав Скопје додека снимав и возев во исто време. Беше многу забавно, иако беше студено. И беше одлично искуство да се вози пред толку публика и да се носи костум. Ако просторот на сцената беше поголем, ќе направев повеќе трикови само за публиката да ужива“, ни рече Гомез.

М. ЏАРОВСКА