ГОЛЕМИТЕ БРЕНДОВИ ЗА 10 ГОДИНИ УНИШТИЛЕ ШУМСКА ОБЛАСТ ДВОЈНО ПОГОЛЕМА ОД ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, ВЕЛАТ ОД „ГРИНПИС“

Лондон, (Гардијан)

Пошумена област двојно поголема од Велика Британија била уништена во изминатата деценија поради производи како палмино масло и соја, се вели во анализата на организацијата „Гринпис“.

Во 2010 година, членови на групацијата „Consumer Goods Forum“, чиј дел се некои од најголемите светски брендови, ветија дека ќе запрат со уништувањето на шумите до 2020 година и дека ќе пронајдат други, одржливи извори за производство на соја, палмино масло, хартија и добиток.

Сепак, „Гринпис“ заклучува дека до почетокот на 2020 година, цела деценија откако беше дадено такво ветување, ќе бидат уништени околу 50 милиони хектари шума поради зголемените потреби од земјоделски производи. Површините засадени со соја во Бразил биле зголемени за 45%, а производството на палмино масло во Индонезија се зголемило за 75%.

Од „Гринпис“ велат дека во почетокот на годината побарале од 50 големи компании да го покажат својот напредок околу неуништувањето на шумите.

Добивме одговор од само неколку од нив и дури и тие не ги дадоа бараните информации за изворот на своите производи. Ниту една од 50-те компании не покажала значајна акција да стави крај на уништувањето на шумите. Тие компании ја уништуваат иднината на нашите деца, така што го водат светот кон климатски и еколошки колапс. Тие потрошија цела деценија на полумерки и за тоа време, беа уништени огромни пространства на природниот свет“, вели Ана Џонс од „Гринпис Велика Британија“.