Легендарниот фронтмен на „Мизар“, Горан Таневски, утре ќе одржи концерт во Младински културен центар во Скопје, што го најави како одбележување на 35 години присуство на музичката сцена. Тој ќе настапи како дел од проект што го носи името „Мизар – друго откровение“ и на концертот ќе биде промовиран прв дел од неговата трилогија „Вознес“.

Таневски го најави овој проект уште минатата есен, кога откри дека во наредните неколку години планира да издаде три албуми.

Таневски се прослави како пејач на култната готик рок група „Мизар“, на која ѝ се придружи во средината на 80-ите години од минатиот век, период што беше опишан како „второ откровение“. Со „Мизар“, Таневски го сними легендарниот прв истоимен албум во 1988 година.

Утрешниот концерт почнува во 21 часот, а сите кои имаат купено карта ќе можат да присуствуваат и на вечерашната јавна проба на бендот, која ќе се одржи во МКЦ од 20 часот.