„Маршот за нашите животи“, со кој вчера беа побарани построги законски мерки за поголема контрола врз оружјето, беше поддржан од стотици илјади луѓе, вклучувајќи и славни личности како Стивен Спилберг, Опра Винфри, Џорџ Клуни, Пол Маккартни, Мајли Сајрус и многу други, но еден говор ги обележа најголемите протести во САД уште од војната во Виетнам.
Седумнаесетгодишната Ема Гонсалес стана заштитно лице на движењето кое произлезе од масакрот во нејзиното средно училиште во Паркленд, Флорида, минатиот месец и таа на моќен и емотивен начин им оддаде почит на 17-те убиени ученици и професори, откако неколку минути без зборови остана на говорницата.
„Шест минути и околу 20 секунди. За толку време, 17 наши пријатели беа одземени од нас, 15 беа повредени и засекогаш се сменија животите на сите во заедницата Даглас. Сите кои бевме таму разбираме. Сите кои беа допрени од вооружено насилство разбираат. Никој не можеше да поверува дека таму имаше тела кои чекаа цел ден да бидат идентификувани. Тие престанаа да дишат пред да биде огласена црвена тревога“, кажа Гонсалес, по што ги повтори имињата на убиените, престана да зборува и заплака.
По четири минути и 25 секунди, се огласи аларм за крај на говорот.
„Откако дојдов на говорницата, поминаа шест минути и 20 секунди. Напаѓачот за тоа време престана да пука и го фрли оружјето, мешајќи се со учениците кои бегаа“, заврши Ема.