НАПУШТЕТЕ ГО ФЕЈСБУК, ВЕЛИ ОСНОВАЧОТ НА ВОТСАП ПО СКАНДАЛОТ СО ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Њујорк, (Гардијан)

Брајан Ектон, бизнисменот кој се збогати благодарение на Фејсбук, упати апел до сите да ја откачат оваа социјална мрежа.

Ектон е еден од основачите на апликацијата Вотсап, што Фејсбук ја купи за 16 милијарди долари во 2014 година, но ја напушти компанијата во почетокот на оваа година, со цел да почне нов проект.

„Време е сите да го напуштите Фејсбук“, напиша Ектон на Твитер, додавајќи хаштаг #deletefacebook.

Ектон, чие богатство се проценува на 6,5 милијарди долари, неодамна инвестираше 50 милиони долари во Сигнал, што треба да биде независна алтернатива на Вотсап.

Реакцијата на Ектон уследи откако се дозна дека личните податоци на 50 милиони корисници на Фејсбук биле нелегално собрани од компанијата „Кембриџ аналитика“, која потоа со нив влијаела врз претседателските избори во САД во 2016 година.