Вечерва (15 октомври) во скопскиот Драмски театар почнува фестивалот РУТА, кој ќе трае до 20 октомври. Фестивалот се отвора со претставата на Драмски, „Хеда Габлер“, во режија на Васил Христов (20 часот).
За утре е најавено кабарето „Концерт за лажици и гитара“ на театарот „Улисис“ од Загреб, чии ментори се Раде Шербеџија и Ленка Удовички.
Камерни театар 55 од Сараево доаѓа на 17 октомври со претставата „Целосно странци“, работена според истоимениот филм на италијанскиот режисер Паоло Џеновезе. Инспирирани од филмскиот класик „Сцени од брачниот живот“ на Ингмар Бергман, авторката Драгана Трипковиќ и режисерот Данило Маруновиќ ја поставија претставата „Мислам дека треба да разговараме“, со која на 18 октомври ќе се претстави ансамблот на Градско позориште Подгорица.
Београдско драмско позориште (БГД) гостува на 19 октомври со претставата „Швејк“, работена по сатиричниот роман на чешкиот писател Јарослав Хашек, а третото издание на РУТА се затвора на 20 октомври со „Иднина“, копродукција на Местно гледалишче Љубљана и БГД.