ХЕЛИКОПТЕРОТ НА НАСА ЌЕ ГО ИМА ПРВИОТ ЛЕТ НА МАРС ВО ПОЧЕТОКОТ НА АПРИЛ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

НАСА планира да го изведе првиот лет со хеликоптер на Марс во почетокот на следниот месец. Малиот хеликоптер наречен „Инџинуити“ беше донесен на Марс со роверот „Персеверанс“, кој драматично слета во кратерот Језеро пред нешто повеќе од еден месец.

Тежок само 1,8 килограми, „Инџинуити“ ќе се обиде да изведе неколку кратки лета во разретчената атмосфера на Марс, што се опишува како марсовски „браќа Рајт момент“, што алудира на историскиот авионски лет на Орвил и Вилбур Рајт во 1903 година. За да се обележи оваа поврзаност, НАСА објави дека на „Инџинуити“ залепила парче ткаенина од крило од нивниот авион.

Во моментов, „Инџинуити“ сѐ уште е закачен за „Персверанс“, а во наредните денови ќе биде спуштен на почвата. Инженерите на НАСА идентификуваа површина од 10 метри со 10 метри, што ја нарекуваат писта.

Ќе сториме сѐ што можеме за да го снимиме летот на ‘Инџинуити‘. Тоа ќе биде предизвик, зашто роверот и хеликоптерот функционираат автономно“, вели инженерката Фарах Алибеј.

„Инџинуити“, кој чинел 85 милиони долари, е направен да биде исклучително лесен, инаку не би ни можел да полета во атмосферата на Марс. Тој има четири перки од јаглеродни влакна поставени во два ротора, кои се вртат во спротивна насока.

Инженерите планираат првиот лет да биде едноставен и хеликоптерот да се крене три метри над почвата и да се спушти по 30 секунди. Ако сѐ помине во ред, следните летови ќе бидат посложени.