ХОЛАНЃАНЕЦ ГО ЗАВРШИ ТРИГОДИШНОТО ПАТУВАЊЕ СО ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ ДО АВСТРАЛИЈА

Сиднеј, (Ројтерс)

Холанѓанецот Вибе Вакер го заврши најдолгото патување со електричен автомобил досега, откако извозел 96.000 километри од Холандија до Сиднеј. Триесет и двегодишниот Вакер вели дека со своето епско патување сакал да ја докаже издржливоста на електричните возила, давајќи со тоа свој придонес кон борбата против климатски промени. Тој пристигна во Сиднеј во придружба на 50 електрични автомобили.

Вакер возеше модифицирана верзија на караванот на „фолксваген“, што ја нарече „синиот бандит“ и на своето патување долго три години помина низ 33 земји, вклучувајќи ги Турција, Иран, Индија, Малезија и Индонезија. Неговата авантура беше финансирана преку јавни донации од цел свет.

„Сакав да го променам мислењето на луѓето и да ги инспирирам да почнат да возат електрични автомобили, покажувајќи ги предностите на одржливата мобилност. Ако еден човек може да вози електричен автомобил од еден до друг крај на светот, тогаш тие дефинитивно се добри за дневна употреба“, изјави Вакер.

Доколку патуваше со стандарден автомобил, тој вели дека би потрошил 6.785 литри бензин. Тој поминувал по 200 километри со едно полнење и вели дека трошокот за целото возење му бил само 300 долари.

Вакер тргнал на 15 март 2016 и вкупно возел 1.119 дена.