Бројни амбасади зедоа учество на Дипломатскиот добротворен базар, што се одржа денеска во хотелот „Мериот“ во Скопје под покровителство на Амбасадата на Република Словенија и „Dobredojde” Macedonia Welcome Centre.
Настанот се одржа по повод Светскиот ден на детето под почесно претседателство на Грегор Прескер, амбасадорот на Словенија во Македонија.

Свои штандови изложија амбасадите на Австрија, Бугарија, Кина, Хрватска, Чешка, Италија, Јапонија, Казахстан, Косово, Литванија, Словачка, Словенија, Шпанија и Швајцарија, Делегацијата на Европската Унија и Институтот „Конфучие“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, кои ја претставија културната разновидност преку храна, пијалаци и уникатни традиционални производи

Ова беше проследено со богата детска музичка програма.
Средствата собрани од овој настан се наменети за поддршка на деца, вклучително и деца со посебни потреби од училиштата „Св. Климент Охридски“ во Македонски Брод и „Братство-Миѓени“ во Тетово.
