И КУЧЕТО МЕСИ ОД „АНАТОМИЈА НА ПАДОТ“ ДОЈДЕ НА ОСКАРИТЕ

Лос Анџелес, (Дедлајн)

Меѓу гостите на ноќешното доделување Оскари седеше и едно куче, но не како придружник на некого од присутните, туку како дел од екипата на „Анатомија на падот“, еден од номинираните филмови.

Меси беше миленик на сезоната на награди и многумина посакуваа да го видат и во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, каде што „Анатомија на падот“ освои Оскар за најдобро оригинално сценарио.

Седумгодишниот Меси носеше машна и изгледаше елегантно како и сите други гости. Седејќи заедно со екипата на филмот, Меси беше фатен од камерите како му плеска на Роберт Дауни Џуниор кога тој го доби Оскарот за најдобра споредна машка улога.