Играта за која е потребен само еден балон и го има наједноставното правило дека не смее да ја допре земјата сега има и светско првенство. Организирано од фудбалската ѕвезда Жерард Пике, премиерното натпреварување се одржа пред десетина дена во шпанскиот град Тарагона, а прв светски шампион во играње со балон стана Перуанецот Франсеско де ла Крус.
Се играше на терен со димензии 8х8 метри, со пречки како мебел и мал автомобил.
„Беше неверојатно, ова е нешто сосема различно. Понекогаш треба да се излезе од удобната зона и да се проба нешто ново“, изјави Пике.
Турнирот беше инспириран од серија популарни ТикТок видеа објавени лани од семејството Арендондо од Орегон, во кои браќата Антонио и Диего и нивната сестра Исабел се играат со балон додека се во изолација. Браќата беа меѓу тимовите од 32 земји кои настапија на СП.
Во финалето, 18-годишниот Де ла Крус го совлада Германецот Јан Спајс со 6:2 и освои златен балон и 10.000 евра.