Поп-пејачот Дарко Илиевски кој седум години живее во Америка, за десет месеци ослабел 65 килограми, откако минатата година, на крајот на ноември, завршил во болница. Од 152 килограми, сега има 87. Илиевски беше еден од нашите најпопуларни млади поп-пејачи, и уште се слушаат неговите песни „Едно тело“- дуетот со ДНК, „Бори се за неа“, „Да ти биде срам“.
„Неколку дена пред да завршам во болница имав проблем со ногата и примив инекција со кортизон, но за жал дозата беше многу поголема од онаа која требаше да ја примам. Ова беше грешка на докторите. Како резултат, мојот шеќер во крвта нагло се покачи, ми беше матно и имав висок крвен притисок. Мојата крвна слика беше надвор од контрола од секој можен аспект. Тоа беше мојот повик за будење и решив да престанам со занемарувањето на своето здравје и да почнам сериозно да се посветувам на себеси“, ни рече Илиевски.
Во болница, тој останал два дена и примал терапија за стабилизирање на шеќерот и притисокот. По дополнителните прегледи, неговиот матичен доктор му дал упатства за исхрана и терапија.
„Одлучив да не продолжам со апчиња и сериозно да се посветам на сопственото здравје. Мојот максимум беше 152, а моментално имам 87 килограми. Успеав да симнам 65 килограми за само 10 месеци и сега успешно ги одржувам. Тешко е да се издвои само еден фактор зошто ова ми се случи. Тоа е комбинација од повеќе работи кои се случуваа во мојот живот последните 7 години, откако се преселив во САД. Прво, големата животна промена, да заминам од земја каде што имав кариера, пријатели, статус и да почнам од нула во некоја земја каде што на почеток не го познавав ни јазикот како треба. Потоа, започнувајќи во различни индустрии кои ми беа целосно непознати. Храната во Америка е ужасна, полна со процесирани производи и токсини насекаде. Здравата храна тука е скапа и ретка. На крајот, најголемата вина си ја препишувам јас, затоа што моето несеризно однесување беше клучно“, вели поп-пејачот.
После четири работни позиции, сега е менаџер за продажба за државата Флорида во компанија која се занимава со продажба на комерцијална кујнска опрема.
„Извонредно сум задоволен од мојата позиција и од фирмата во која работам. Во последно време, сѐ почесто се занимавам и со организирање на Балканските забави. Интересот за овие настани се зголемува, и за Стара Нова година, организираме голем концерт кој ќе се одржи во еден од најдобрите хотели во Америка, ‘Хард рок’, на нивниот покрив. Потоа, за Денот на вљубените имам закажан настап во Чикаго“, вели Илиевски кој исто така често настапува со таткото на неговата сопруга Ивана, познатиот диџеј и менаџер Славе Ќелешовски од Струга кој живее долго време во САД.
Сопругата Ивана работи како Национален ИТ рекрутер за компанија која посредува во вработувањето исклучиво за ИТ индустријата. Синот Матео наполни 5 години, а ќерката Ана има 8 месеци. Илиевски вели дека последен пат бил во Македонија минатото лето.
„Македонија е онака како што ја замислував дека ќе биде кога ќе се одлучам да заминам. Не само што не се поместува од место, туку понекогаш и оди наназад. Неколку пати сум размислувал дали вреди сето ова и дали можеби е подобро да се вратам дома, но доволно ми е да имам 5 минути разговор со некој близок од Македонија и веднаш ми поминува. Топло им препорачувам на сите млади, но и постари, кои имаат можност да пробаат да излезат оттаму, макар и за сезонска работа, да одат и да видат како функционира светот. На крајот, и ако не се снајдат, ќе се вратат дома со нови иновативни идеи кои ќе им помогнат за нивниот личен успех и ќе придонесат за напредокот на државата. Земајќи се себеси како пример, ако некогаш би се одлучил да се вратам, знаењето и искуството кое би го донел, сигурно би било од корист на било која компанија или државна институција“, вели Дарко Илиевски.
Пејачот додава дека секој момент од неговата музичка кариера има своја убавина.
„Понекогаш ми е жал што престанав да правам музика, затоа што чувствувам дека не го користам талентот кој Бог ми го дал, но тоа е тоа. Се надевам дека ќе најдам време и да направам некоја песна. Можеби и јас ќе се приклучам на трендот на пензионирани пејачи кои промовираат нови песни“, вели пејачот.
М. ЏАРОВСКА