Индија успешно ја лансираше својата мисија на Месечината, една недела откако првиот обид беше одложен во последен момент од технички причини.

Лансирањето на ракетата „Чандрајан-2“ беше пренесувано во живо на телевизија и интернет и доколку слетувањето биде успешно, Индија ќе биде првата земја која стигнала на јужниот пол на Месечината. Вредноста на мисијата е 150 милиони долари, што ја прави најевтина во историјата.

Првата индиска мисија во 2008 година не слета на површината на Месечината, но радарите на „Чандрајан-1“ ја изведоа првата и досега најдетаљна потрага по вода. Новата мисија ќе се фокусира на површината и, меѓу другото, ќе бара вода и минерали и ќе регистрира лунарни потреси.

Индија за оваа мисија ја користи својата најмоќна ракета, која носи вселенско летало од 2,3 тони, што се состои од три дела. Се очекува слетувањето да се случи на 6/7 септември.

„Индија очекува да ги добие првите селфи фотографии веднаш штом роверот ја почне својата работа. Последните 15 минути пред слетувањето ќе бидат застрашувачки за сите нас“, изјави шефот на мисијата, д-р К Сиван.