ИЗЛОЖБАТА НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ ЗА 120 ГОДИНИ ИЛИНДЕН ПРЕТСТАВЕНА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес e поставена изложба на документи и фотографии поврзани со Илинденското востание, што е дел од одбележувањето на неговата 120-годишнина. Авторите на изложбата се Јасмина Дамјановска, Бранислав Светозаревиќ, Аднан Шериф, Љупка Андов и Марјан Гијовски, кои ги прикажуваат напорите на Државниот архив во повеќе од 70-годишното постоење да обезбеди нови факти содржани во архивската документација.

„Настојувањето да се соберат и претстават што поголем број докази за најзначајниот национален празник Илинден, Државниот архив го прикажува на 21 изложбено пано со повеќе од 300 архивски документи и фотографии. Прикажаните документи се дел од архивските фондови што се чуваат како оригинали во Државниот архив, но и од државните архиви во Истанбул, Софија и Белград, кои се преземени од нашиот архив во вид на микрофилмови или на копиран архивски материјал“, кажа Дамјановска.
Меѓу 300 архивски документи и фотографии се и писмата од Ахил (Гоце Делчев) до Асен (Иван Белешков) од 1902 година, во кои го задолжува да се ангажира за набавка на оружје, како и она до Никола Зографов од 1897 година, во кое го известува дека на Даме Груев ќе му испрати револвер со 100 куршуми и две ками. Дел од изложбата се и фотографии од четите на Гоце Делчев, Јордан Пиперката, Питу Гули и Ѓорги Сугарев.

Изложени се и документи од 1946, со кои државата им доделува пензии на учесниците во Илинденското востание во висина од 1.000 до 8.000 денари, во зависност од тоа која позиција и каква улога имале. Тука се и факсимили од светски весници кои пишувале за востанието.

П. ПЕЧКОВ