Ахед Тамими, 17-годишната Палестинка која стана симбол на отпорот откако беше снимена како удира двајца израелски војници пред нејзиниот дом, беше пуштена на слобода по осум месеци затвор.

Таа се врати во своето родно село заедно со мајка ѝ Нариман, која исто така беше затворена, откако го снимаше инцидентот на 15 декември и го пушти во живо на Фејсбук.

Според договорот што го прифати војската, Ахед се изјасни виновна по четири точки, вклучувајќи напад. Двата судски процеси се одвиваа зад затворени врати.

Таа стана икона на палестинскиот активизам, а нејзиниот случај пример за бруталност, привлекувајќи го вниманието на целиот свет. Од друга страна, таа во Израел беше опишана како терорист и провокатор. Локалните групи за човекови права тврдат дека Израел во затвори држи уште 300 малолетници. 

Тамими им удри шлаканица на војниците, откако слушнала дека нејзиниот 15-годишен братучед бил ранет во глава со гумени куршуми.

Отпорот продолжува додека не заврши окупацијата. Ги поздравувам сите кои ме поддржуваа“, кажа Тамими, која беше пречекана како хероина во родното село Наби Салех, кадешто од 2009 година постојано се одржуваат протести против окупацијата.