Јане Велковски, кој боледува од спинална мускулна атрофија (СМА), синоќа ја запозна ѕвездата на Манчестер јунајтед, Пол Погба.

Јане вчера на „Олд Трафорд“, од ВИП-ложата на Погба, го гледаше осминафиналниот натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Јунајтед и Севилја заедно со семејството на францускиот фудбалер. По завршувањето на натпреварот, на кој Јунајтед беше поразен од Севилја со 1:2 и елиминиран од Лигата на шампионите, Погба се дружеше со Јане.

„Утре му е роденден и јас два дена порано му дадов подарок. Му подарив дресови од ФК Вардар и од македонската репрезентација со негово име на нив. Го поканив да дојде во Скопје“, ни рече Јане утрово.

„Пресреќен сум што го запознав Погба и што го гледав Јунајтед во живо. Не можам да ви опишам колку бев возбуден. Стадионот беше преполн. По натпреварот, Погба дојде да се запознаеме. Ми рече дека му е жал што изгубиле, но ми вети дека на наредниот натпревар ќе победат. Му се заблагодарив што ме покани да бидам негов гостин. Утре му е роденден и јас два дена порано му дадов подарок. Му подарив дресови од ФК Вардар и од македонската репрезентација со негово име на нив. Го поканив да дојде во Скопје“, ни рече Јане утрово.

Јане и Погба по завршувањето на натпреварот имаа и заедничко интервју за телевизијата на клубот и за една локална телевизија.

Јане од ВИП-ложата на Погба, заедно со семејството на фудбалерот, го гледаше осминафиналниот натпревар од Лигата на шампионите помеѓу Јунајтед и Севилја

Погба го покани Јане да биде негов гостин во Манчестер, откако го виде видеото на УЕФА за „Еднакви на терен“, во коешто тој говори дека иако е врзан за количка, секој ден со другарите игра фудбал и кога ќе прооди, сонува да биде фудбалер и да дава голови.

А. АНТЕВСКА