КАТАР ИМА ПЛАН ЗА СИТЕ СТАДИОНИ ОД СП, ЌЕ СТАНАТ ХОТЕЛИ, ТРГОВСКИ ЦЕНТРИ, КЛИНИКИ…

Катар, (Тајм)

Светското првенство во Катар заврши во неделата со едно од највозбудливите финалиња во историјата. Катар потроши 6,5 милијарди долари за да изгради сосема нови седум стадиони и да реновира уште еден и сега се поставува прашањето што ќе биде со нив откако забавата заврши.

Вкупниот капацитет на овие стадиони е 426.051 седиште, речиси 100.000 повеќе од бројот на локалните жители во Катар. И покрај тоа, катарските власти велат дека имаат план за сите стадиони, со цел да не ја доживеат судбината на стадионите од претходните првенства.

Најмалку еден стадион веќе нема да постои, зашто „974“ ќе биде размонтиран и подарен на некоја друга земја.

Останатите стадиони ќе бидат делумно пренаменети, а капацитетот ќе им се намали за половина, при што вишокот од 170.000 седишта ќе биде дониран на земји кои имаат потреба од спортска инфраструктура.

Стадионот „Едјукејшн сити“ ќе им биде препуштен на студентите и факултетите од девет универзитети и 11 училишта. „Ал Бајат“ ќе биде претворен во хотел со пет ѕвезди и трговски центар, а „Ал Тумана“ делумно ќе стане спортска клиника и хотел.

„Лусана сити“ целосно ќе се трансформира во област со станови, продавници, училишта, кафулиња и болница.

Меѓународниот стадион „Калифа“ беше изграден во 1976 и единствен ќе остане каков што е.

(Фото: Гети)