КИНА ВЕТИ „ЗЕЛЕНА“ ЗИМСКА ОЛИМПИЈАДА ВО ПЕКИНГ, НО НЕ ГАРАНТИРА ДЕКА ЌЕ НЕМА СМОГ

Пекинг, (Ројтерс)

Кина ги користи претстојните Зимски олимписки игри како повод да ја подобри животната средина, иако Пекинг се подготвува за најлошото како што се ближи церемонијата на отворањето. Пекинг го подобри квалитетот на воздухот откако ја доби организацијата, но министерството за екологија кажа дека зимскиот смог останува сериозен ризик.

Критичарите во 2015 предупредија дека Зимската олимпијада ќе биде засенета од опасен смог во регионот во кој доминира тешка индустрија. Претседателот Шји Џинпинг веднаш вети дека ова ќе бидат „зелени“ Игри, а соседната провинција Хебеи најави дека ќе ја трансформира и надгради својата индустриска економија.

Оттогаш, Кина посади илјадници хектари дрвја во Пекинг и Хебеи, изгради огромни фарми за ветерна и соларна енергија и пресели стотици бизниси. Резултатите се видливи.

Во 2016, просечната концентрација на ПМ2,5 честички во регионот Пекинг-Тијанџин-Хебеи била 71 микрограм на кубен метар, што се зголемувало на повеќе од 500 во зимските месеци. Од јануари до септември годинава просекот бил 40 микрограми.

Официјални лица кажаа дека сите 26 олимписки борилишта во Пекинг и Хебеи ќе работат на 100% обновлива енергија и ќе бидат распоредени повеќе од 700 возила на водород. Во градот Џангџијаку, каде што ќе се одржуваат натпреварите во алпско скијање и сноубординг, покриеноста со дрвја е зголемена од 56% на 70%-80%.

Недостигот на вода е уште еден проблем, особено ако постои потреба од создавање на вештачки снег и мраз. Организаторите кажаа дека за ова ќе се користи вода собирана од планински истеци и летни дождови.