КИНЕСКО ЛЕТАЛО ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГИ ДОНЕСЕ ПРВИТЕ ПРИМЕРОЦИ ОД МЕСЕЧИНАТА ОД 1976

Пекинг, (Би-Би-Си)

Кина успешно лансираше роботско летало кое ќе има за цел да собере и донесе први примероци од Месечината по повеќе од четири децении, со што земјата го продолжува својот подем во вселенските истражувања.

Пред 17 години, Кина стана само трета држава која испратила човек во вселената, а лани прва стигна на подалечната страна на Месечината.

Ракетата „лонг марч-5“ полета денеска од вселенскиот центар на островот Хаинан, носејќи го леталото „чанги-5“, чие спуштање се очекува за два дена. „Чанги-5“ ќе има задача да изврши дупчење два метра под површината на Месечината и да собере до два килограма камења и други остатоци. Кинеските научници се надеваат дека собраниот материјал ќе помогне да се дознае повеќе за потеклото на Месечината и како била формирана. Враќањето се очекува во средина на декември.

САД и Советски Сојуз се единствените земји кои успешно имаат собрано примероци од површината на Месечината, но тоа последен пат се случи во 1976 година.