КИТОТ КОЈ СТАНА СВЕТСКИ ПОЗНАТ КОГА 17 ДЕНА ГО НОСЕШЕ СВОЕТО МРТВО БЕБЕ ПОВТОРНО СЕ ПОРОДИ

Сиетл, (Гардијан)

Орка која стана светски позната во 2018 година кога 17 дена го носеше своето мртвородено бебе повторно се породила, овојпат со здраво бебе.

Непрофитната организација Центар за истражување китови го забележала бебето како разиграно плива покрај мајката наречена Талека во водите покрај границата на американската сојузна држава Вашингтон со канадската провинција Британска Колумбија. Таа процени дека бебето се родило во петокот.

„На 5 септември следевме дојава од еден локален набљудувач на китови дека е видено многу мало бебе кит. Талека беше главно одделена од останатите китови и доста се криеше откако навлезе во канадските води, па решивме да го прекинеме контактот со неа по неколку минути“, соопшти Центарот.

Талека го привлече вниманието на светската јавност кога 17 дена пливаше низ Салишко Море, носејќи го своето мртво бебе.

„Нејзината обиколка додека тажеше ни ја откри сета сложеност на животинските емоции. Ова бебе носи нова надеж, за Талека и за сите нас“, вели фотографката Алина Ебелинг-Шулд, која често следи китови.