Од 5 до 15 мај, во издавачката куќа „Матица македонска“ по 26. пат ќе се одржува манифестацијата „Книга во секој дом“. Триста наслови имаат попуст до 70 проценти, а меѓу нив, како што вели издавачот, се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори.
Попустот од 30, 50 и 70 отсто ќе се однесува и на најактуелни изданија од домашната продукција и од светската книжевност. Ќе има и средби со автори, а на 6 мај ќе биде промовирана книгата „Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист Златко Крамариќ.
Покрај книжарниците на „Матица македонска“, акцијата за изданијата опфатени со „Книга во секој дом“ од 5 до 15 мај ќе важи и за нарачки преку е-книжарницата на „Клуб Матица“.