КОГА ЌЕ ПРОДОЛЖИ, ВО БУНДЕСЛИГАТА ЌЕ БИДAТ ЗАБРАНЕТИ ГУШКАЊЕ, ПЛУКАЊЕ, СЛАВЕЊЕ ГОЛОВИ…

Берлин, (ДПА)

Фудбалерите од Бундеслигата ќе смеат да ги прославуваат головите само со краток контакт со лакот или стапало откако ќе се вратат на терените на 16 мај по двомесечната пауза, објави весникот „Билд“.

Кратко удирање со дланки, гушкање и плукање ќе бидат забранети, стои во документот на Германската фудбалска лига (ДФЛ), која е надлежна за првата и втората Бундеслига. Играчите нема да се поздравуваат и да прават тимски фотографии пред почетокот на мечот, а екипите ќе излегуваат на терен одвоено.

Бундеслигата е првото големо фудбалско првенство на светот што ќе продолжи среде пандемијата на коронавирусот. На клупите за резерви, сите ќе носат маска и ќе седат оддалечени едни од други.

„Тренерот ќе смее да ја тргне маската од устата и носот само кога ќе дава инструкции и во тој случај ќе мора да држи растојание од 1,5 метри“, вели ДФЛ.

Лигата беше прекината на 11 март, при што на клубовите им преостанува да одиграат уште по девет или десет кола. Сите мечеви ќе се играат пред празни трибини. Планирано е сѐ да заврши до 27/28 јуни.