За Игор Џамбазов триесет години дружење и соработка со гитаристот Игор Атанасовски, познат како Гуру Харе, поминале како триесет минути. Игор и Харе ќе одржат заеднички концерт во Филхармонијата на 21 октомври, насловен „Првите 30“, како нивниот нов заеднички албум. Концертот е најавен како славење на два јубилеја, 60. роденден на Игор и 30 години блуз со неговиот музички гуру.
„Се сеќавам добро на тој почеток во тие луди времиња. Умираше една, ама се раѓаше нова држава. Сите нѐ мачеше таа голема неизвесност, што ќе биде со нас. Промените се чувствуваа на секој чекор. Младите уметници како да добија крила да почнат да се прикажуваат и докажуваат. Прво се дружевме, па почнавме да настапуваме заедно, па да создаваме нови песни заедно. И така некако, од 1993 кога Харе го отсвири своето прво соло на мојот блуз ‘Тие’, па преку ‘Да си жив и здрав’, сѐ до ‘Дебела сенка’ и ’Пеј’. Нас нѐ поврза љубовта кон музиката, особено кон блузот. И тоа сѐ уште трае. И таа љубов, и нашиот блуз“, ни изјави Џамбазов.
На својот Инстаграм профил, актерот и шоумен неодамна напиша оти се чуди како досега никој не му побарал гратис билети за концертот. Вели дека таа изјава требало да биде шега, но излегло дека е чиста вистина.
„Никој не побара, навистина. Веројатно луѓето почнуваат да сфаќаат колку скапа играчка е Филхармонија како сцена. Тоа не е дискотека која собира 4000 луѓе, па ако не се продадат картите, ќе поделат уште 2000 гратиси за да не биде полупразно. Тоа време умре. Луѓето сфатија дека почитта кон уметникот не треба да е само декларативна, туку и конкретна. Секој купен билет се реинвестира., хехехе. Ние немаме спонзори на нашите албуми и спотови. Сами се финансираме, и сакаме тоа да се цени. На 21 октомври ги очекуваме сите оние кои нѐ подржуваа во овие први триесет години. Ги чекаме Харе, јас, Трајко Симоновски – Таци на бас, Златко Михајловски – Бумбар на тапани и Филип Димишковски на клавијатури. И неколку специјални гости, инструменталисти. Го свириме целиот нов албум и некои стари наши песни без кои едноставно не се може“, вели актерот кој периодов е актуелен и со филмот „Те дуа жими мене“ на Марјан Гавриловски.
За Игор, овој филм е една од поубавите епизоди што му се случиле во последниве неколку години.
„Млади луѓе, врвни уметници, кои за помалку од три минути ме убедија да бидам дел од нивниот прв филм. И толку требаше. Снимавме, па дојде короната, па се заборавивме, и конечно оваа пролет ја договоривме премиерата. А премиерата беше нешто незаборавно. Четири проекции на филмот во исто време. Во кината Синеплекс такво нешто одамна не се случило. Со Мишел Трајковски ја напишавме и изведовме нумерата ‘Ќе те женам, ќе те сменам’ како насловна песна и еден мал пиар на филмот и бевме во право. Тоа беше вистински погодок“, рече Џамбазов.
За него е познато дека најубаво се чувствува во Дојран, каде што живее кога нема обврски во Скопје и вели дека едвај чека да се врати на свој терен.
„Инаку, тоа што сум почесто во Скопје, не значи дека сум се вратил. Јас сум Дојранчанец на привремена работа во главниот град. После Филхармонија ги снимам новите епизоди на ‘Преспав’ и си одам дома. Таму ми е домата. Златен Дојран“, ни изјави Игор. Актерот вели дека е најпродуктивен токму кога нема обврски, кога не снима и нема музички настапи.
„Кога ништо не правам, тогаш најмногу правам, хаха. Јас можеби делувам неорганизирано, но се сметам себе си за одлично организиран тип. Кога сум во Скопје, работата е таа што ми го организира денот. А во Дојран, јас сум тој што организира. Цел ден надвор, прошетки, возење велосипед и пријателите. Луѓето таму, мои луѓе. Јужномакедонци. А кога останувам сам – пишувам, читам, свирам, компонирам. И сѐ уште фантазирам“.
Сѐ до почетокот на пандемијата, тој играше во две претстави на редовниот репертоар на неговиот матичен театар МНТ и вели оти бил пресреќен. Започнале да прават и нова претстава, се собрала одлична екипа, но почнале карантинот и полицискиот час, и за жал тој проект пропаднал.
„Плус и хаваријата со полавите што му се случи на мојот театар. Но еве Милице драга, ако бараш екслузива, ќе ја добиеш. Добив понуда од еден од моите омилени режисери, да играм главна улога во една театарска класика, претстава што во Драмскиот театар се играше скоро 40 години. Повеќе не смеам ни збор да ти кажам“, открива Џамбазов.
Акерот со љубов и со носталгија се сеќава на неговата мајка, актерката Анче Џамбазова дедо му Петре Прличко и вели дека театарот за него бил како денес игротека за децата.
„А што мислевте вие, во тоа време мајка ми кога одела на проби и претстави, во игротеки ме оставала? Јас на проби, а и на претстави. Тука јадеш, тука спиеш, и по малку гледаш, крадеш и учиш. Ги знаев напамет сите претстави на мајка ми и дедо ми, а со мајка ми Анче во деведесетите работевме и игравме заедно во неколку претстави. Убава е таа наша семејна приказна. Три генерации актери, кои играле во исто време и исти проекти. Навистина е реткост, и кај нас, а и во светот. И горд сум на тоа“, вели Џамбазов.
Откако излезе од неколкугодишна врска, Игор на шега вели дека жените сега на него гледаат како бела мечка во циркус.
„Во прицип ме сакаат, ама како да бегаат од мене. А и јас исто. Во принцип ги сакам, ама сепак бегам од нив. До некоја следна случајна средба. И некои очи што ќе ме купат од прва“.
М. ЏАРОВСКА
Фото: С.РАЈХЛ