МАЈКЛ КЕЈН ПОТВРДИ ДЕКА ЈА ЗАВРШИЛ АКТЕРСКАТА КАРИЕРА НА 90 ГОДИНИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Сер Мајкл Кејн потврди дека се пензионирал од глумата по излегувањето на неговиот последен филм „The Great Escaper“. Деведесетгодишниот британски актер глуми во филмот заедно со Гленда Џексон, која почина во јуни.

Кејн и порано навестуваше дека има во план да се повлече, па потоа се премислуваше.

Постојано велев дека ќе се пензионирам. Сега го направив тоа. Сфатив дека снимив филм во кој имам главна улога и кој добива одлични критики, па како би го надминал тоа“, изјави Кејн, кој го игра воениот ветеран Берни Џордан, кој во 2014 избегал од дом за стари лица за да присуствува на прославата на десантот на Нормандија во 1944.

Тој додава дека на оваа возраст веќе не може да очекува многу улоги, па одлучил да се повлече.

Единствените ликови што можам да ги играм се 90-годишници. Или можеби 85-годишници. Никој не добива главна улога на 90 години, тоа мора да бидат згодни момчиња и девојки“, кажа Кејн.

Британската икона има глумено во околу 160 филмови, меѓу кои има и брилијантни и не така успешни. Познат е како работохоличар меѓу филмските ѕвезди кој многу се забавува кога снима.

Актерската кариера ја почнал во средина на 1950-ите со мали театарски и телевизиски улоги. Првата голема улога ја остварил во филмот „Зулу“ од 1964, а само три години подоцна првпат бил номиниран за Оскар, за „Алфи“. Следеа уште две номинации, пред да биде награден за најдобра споредна улога во „Хана и нејзините сестри“ во 1987. Вториот Оскар го доби во 2000 за „Животот нема правила“.

Фото: Кејн со колешката од својот последен филм Гленда Џексон