КОМИЧАРОТ КЕВИН ХАРТ ЈА ДОБИ „НАЈНЕПОСАКУВАНАТА РАБОТА ВО ХОЛИВУД“ – ВОДИТЕЛ НА ОСКАРИ

Лос Анџелес, (АП)

Актерот и комичар Кевин Харт ќе биде водителот на претстојната церемонија на доделување Оскари, што ќе се одржи на 24 февруари 2019 година. Одлуката беше соопштена само неколку часа откако „Холивуд рипортер“ објави текст, во којшто ја опиша оваа работа „како најмалку посакувана во Холивуд“.

Харт не мисли така и изјави дека е пресреќен што ќе ги води Оскарите.

„Воодушевен сум, затоа што ова ми беше желба долго време. Знам дека мајка ми сега има насмевка од уво до уво. Убеден сум дека овие Оскари ќе ги направам посебни“, напиша 39-годишниот Харт на Инстаграм.

Харт ја презема оваа улога од Џими Кимел, кој беше водител две години по ред. Минатогодишната церемонија ја имаше најслабата гледаност досега, по што Академијата за филм најави низа промени за наредното издание. Преносот ќе биде скратен на три часа и некои помалку атрактивни категории ќе бидат наградени додека одат реклами.