Композиторката на музиката за филмовите „Бандите на Њујорк“ на Мартин Скорсезе и „Очи ширум затворени“ на Стенли Кјубрик, Џослин Пук, ќе одржи работилница на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (16-21 септември).

Пук е една од најпознатите британски композиторки на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика, а во Битола ќе одржи работилница насловена „Компонирање филмска музика со Џослин Пук“.

Снимала и настапувала со Марк Нофлер, Ник Кејв, Питер Габриел, Лори Андерсон, „Масив атак“, „Стренглерс“ и „Кренберис“. Кариерата на филмски композитор ја почнала кога Кјубрик го слушнал нејзиниот албум „Deluge“ и побарал да ја напише музиката за неговиот филм „Очи ширум затворени“, за која беше номинирана за Златен глобус. Во 2018 ја компонираше музиката за „Сопруга“ со Глен Клоуз.

Пук е и виолистка и има објавено неколку соло албуми.