БРИТАНСКИ АРХИТЕКТИ ДИЗАЈНИРАА ШЕСТОАГОЛНА САЛА ЗА ВИРТУЕЛНАТА ТУРНЕЈА НА „АББА“

Лондон, (Дезин)

Британското архитектонско студио „Стјуфиш“ стои зад дизајнот на привремениот објект во олимпискиот парк „Кралица Елизабета“ во Лондон, каде што шведската поп група „АББА“ ќе одржува виртуелни концерти на својата повратничка турнеја. Таа почнува на 27 мај 2022.

Арената изградена од дрвена граѓа ќе има капацитет од 3.000 седишта. Настапите во живо се креираат во соработка со студиото за специјални ефекти на Џорџ Лукас. Членовите на групата нема да бидат на сцената, туку нивните дигитални верзии, кои ќе бидат придружувани од десетчлен бенд. Аватарите се направени со технологија што Холивуд ја користи за да создаде ликови како Голум во „Господар на прстените“ и разни чудовишта.

Арената ќе биде шестоаголна и ќе се гради во дел од паркот кој ретко се користи. Дизајнирана е така да може лесно да се демонтира и пренесува.

„Објектот е инспириран од безвременската музика на ‘АББА’. Ќе може и да се седи и стои и танцува“, велат од студиото.