Веста дека Куба развила сопствена вакцина против ковид-19 го обиколи светот, но и не е изненадување. Помалку е познато дека таа сама произведува и медицинска опрема, како респиратори и КТ-скенери, со цел да обезбеди технолошка самостојност за време на пандемијата на ковид-19. И не е само тоа, Куба има развиено и свои методи на земање брисови и комплети за тестирање.

Официјални лица велат дека тоа им овозможило да заштедат многу пари и да одржат ниска стапка на смртност од ковид-19, во ситуација кога голем број земји се мачат да увезат таква опрема.

„Нашата земја штеди пари и ќе заштеди уште милиони долари благодарение на сите самостојни резултати што ги постигнавме“, вели Едуардо Мартинес, шефот на државната биофармацевтска корпорација „БиоКубаФарма“.

Куба беше принудена да се сврти кон сопствено производство и како одговор на повеќедецениското американско трговско ембарго, што беше засилено од Доналд Трамп.

Во средата, земјата со 11 милиони жители регистрираше дневен рекорд од 1.051 нов случај на коронавирус, додека вкупната бројка починати од почетокот на кризата остана релативно мала – 424, што е една од најниските стапки на смртност по глава на жител на светот.

Куба лани потрошила 100 милиони долари на борбата против пандемијата и сака да стане прва држава од Латинска Америка која развила своја вакцина против ковид-19. Најнапредниот кандидат е „Соберана 2“, која е во третата фаза од тестирањето, а одобрение за почеток на завршни тестирања доби и „Абдала“.

„Според досегашните резултати, очекуваме нашето население до крајот на годината да биде имунизирано со домашна вакцина“, оптимист е Мартинес.