ЛЕТОСКА НИЗ СВЕТОТ РЕГИСТРИРАНИ РЕЧИСИ 400 ТЕМПЕРАТУРНИ РЕКОРДИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Речиси 400 температурни рекорди биле поставени во северната хемисфера во текот на летото, се вели во нова анализа.

Оваа година рекорди биле соборени во 29 држави во периодот од 1 мај до 30 август и третина од нив биле во Германија, следена од Франција и Холандија.

Според анализата на климатскиот институт „Berkeley Earth“ во Калифорнија, ова лето дури 1.200 точки во северната хемисфера биле потопли од кога било во историјата во даден месец. Жешките бранови во Европа во јуни и јули до толку ги кренаа температурите што беа поставени голем број локални и национални рекорди. Во Франција се измерени 46 Целзиусови степени, а нови рекорди имаше и низ Велика Британија, Белгија, Холандија, Германија и Луксембург.

Во некои места во Европа временската прогноза се следи повеќе од 150 години и некои од нив беа сведоци на највисоки температури досега“, вели д-р Роберт Роде, главниот научник во Berkeley Earth“.

Во исто време, во САД биле соборени над 30 температурни рекорди, а во Јапонија десетина.

Како што Земјата се загрева, на метеоролошките станици им е сѐ полесно да бележат вакви рекорди. Во минатото, тие вообичаено беа регистрирани од само 2% станици“, вели Роде.